Александар Василевски: Заслужено победивме против Еурофарм Пелистер 2

Александар Василевски по една година пауза се врати назад во редовите на Тинекс Пролет и веднаш презема значајна улога во тимот на тренерот Лембанов. 

Искусниот бек вообичаено игра одлично во одбраната, но кај Лембанов добива минутажа и во нападот, нешто што Василевски максимално го користи со прецизни проектили од девет метри решетајќи ги противничките мрежи.

Тоа беше случај и на саботниот дуел со Еурофарм Пелистер 2, меч на кој Василевски постигна неколку значајни погодоци во првото полувреме, кога Тинекс Пролет успеа резултатски да се одлепи.

„Мислам дека одигравме извонреден натпревар. Клучна беше цврстата одбрана, добро го имавме анализирано противникот, но најважно беше што одигравме буквално се она што го договоривме пред мечот. На тој начин ги неутрализиравме нападите на битолчани и си го трасиравме патот кон победата, која беше апсолутно заслужена“, – истакна Василевски.

Двете победи на првите две средби од новата сезона во Супер лигата дополнително ја креваат атмосферата во таборот на Тинекс Пролет.

„Секако дека е одлично кога сезоната ќе се стартува со две победи. Супер лигата е долга и има уште многу за играње, но верувам дека и ние не сме го достигнале максимумот и ќе играме уште подобро како што ќе одминува времето. Реално, првото место ќе биде резервирано за Еурофарм Пелистер, но наша цел е да се бориме да завршиме најмалку на втората позиција во пресрет на плејофот“, – вели Василевски.

(фото – Рк Тинекс Пролет)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Добивајте ги најновите вести

Внесете го вашиот Емаил за да се претплатете се да ги добивате најновите вести