Стручниот штаб на Вардар 1961 продолжува да се екипира, и сезонава тренер на голманите ќе биде Александар Рогановиќ. Тој лани веќе работеше како тренер на голмани кај „црвено-црните” но поради приватни причини замина на крај од годината.
Вардар беше задоволен од неговата работа во клубот и повторно се договорија за соработка. Тој ќе работи со Борко Ристовски, Мартин Томовски и Васил Гогов, тројката со која и лани соработуваше во клубот. Црногорецот е веќе на тренинзите на клубот.
Рогановиќ зад себе има богата тренерска кариера, најмногу токму со голмани во различни клубови и репрезентации. Тој е дипломиран тренер на Универзитетот за спорт во Црна Гора, отсек ракомет. Од 1988 година работи како тренер, и по дипломирањето извесен период работи како тренер на сите голмани во репрезентацијата на СР Југославија, потоа Србија и Црна Гора и потоа во Црна Гора.
(фото-Рк Вардар 1961)📷