Александар Јовиќ: Одбраната ја кренавме на повисоко ниво, Алкалоид е вистински тест

Александар Јовиќ пристигна на клупата на Тинекс Пролет пред крајот на Супер-лигата, а долгогодишниот македонски репрезентативец имаше можност во текот на зимските подготовки уште подобро да се запознае со остатокот од екипата.

Јовиќ ги виде на дело сите ракометари на четирите контролни средби на кои беа забележани една победа и три порази, но ова беа дуели во кои резултатот секако не беше толкав приоритет како што беше играта.

А Јовиќ смета дека со прикажаното е јасно дека Тинекс Пролет бележи напредок во играта во однос на првиот дел од сезоната, пред предизвиците што ќе следат во наредните неколку месеци.

Возбудувањата во плејофот почнуваат веќе утре, со дуелот на домашен терен против Алкалоид закажан за 16 часот.

„Ќе играме против тим што е актуелен вицешампион и што и сезонава е еден од кандидатите за највисок пласман. Тие имаат квалитетни ракометари предводени од Кире Лазаров, играат брз и модерен ракомет. Мислам дека дуел со една ваква екипа ќе биде идеален тест за нашиот тим, за нашата одбрана, да видиме до каде сме со она што го работевме во изминатиот месец. Едно е сигурно, Тинекс Пролет нема да се предаде однапред без оглед на името на противникот, наше е да се бориме и да се обидеме, особено на домашен терен, да изненадиме некој од фаворитите“, – порачува Александар Јовиќ.

(фото – Рк Тинекс Пролет)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.