Екипата на Охрид, која има високи амбиции за новата сезона во Супер лигата ги започна подготовките под водство на новиот тренер Борис Ројевиќ.
Тренеро на Охрид, Борис Ројевиќ изјави дека тимот во новата сезона ќе атакува на подобар пласман во Супер лигата.
„Веќе при првиот разговор со луѓето од клубот, а особено со градоначалникот Пецаков, ја почувствував искрената желба, сериозната амбиција и големата љубов кон ракометот. Таа енергија веднаш ме привлече и беше клучна да ја донесам одлуката да дојдам во клубот, но и во земја каде што ракометот се доживува со толкава страст – можеби и најмногу на целиот Балкан.
Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме.
Македонската лига е без сомнение најсилна на Балканот. Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас.
Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“, – изјави тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ.
(фото – ГРК Охрид)📷