Екипата на Вардар под водство на тренерот Александар Царчев ги започна подготовките за новата сезона.
Подготовките ќе се одвиваат во Скопје и ќе се одиграат неколку пријателски натпрвари. Тимот ќе учествува на меѓународен турнир во Ѓорче Петров на 27 август.
Вардар се засили со Мартина Стефановска која игра на позиција лев бек и доаѓа од Кузман Вардар, Кети Ангеловска на позиција лево крило по две години пауза повторно се враќа на терените, сестрите Ива и Ивона Кимевски на позиција лево крило и пикер, потоа девојките од младинскиот состав Ангела Тодорова и Јана Равојска леви крила, Михаела Велјановска пикер, Калина Миленковска.
“Тоа што оваа сезона ќе бидам прв тренер на ЖРК Вардар, за мене е голем предизвик и една нова авантура на која можам да одговорам со целото мое ракометно искуство. До сега бев на позицијата тренер на голмани, каде што бев фокусиран максимално на работата, слободно можам да кажам дека сите голмани што сум ги тренирал станеле репрезентативки на Македонија, или напредувале. Сепак сега сакав и добив поголем предизвик во кариерата, шансата што ја добив во Вардар ме прави среќен, особено фактот што ќе работам со млади и перспективни играчи со кои располагаме за кои се надевам дека многу ќе научат за ракометните вештини од мене. Сакам да ја искористам приликата да се заблагодарам на управата, Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ и Давор Стојановски кои ми дадоа доверба да го водам првиот тим во новата сезона”, – изјави тренерот Александар Царчев.
(фото-ЖРК Вардар)📷