Голманот Калифа Гедбан е ново засилување на Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер, која освен во домашното првенство ќе се натпреварува и во Лигата на шампионите донесе ново засилување на позицијата голман.

Алжирскиот репрезентативец и долгогодишен учесник во Лигата на шампионите, Калифа Гедбан е нов голман на Еурофарм Пелистер.

26-годишниот голман на алжирската репрезентација доаѓа како слободен ракометар, а последната сезона ја помина во првакот на Романија и учесник во Лигата на шампионите, Динамо Букурешт. Гедбан потпиша договор на една сезона, со опција за уште една. Калифа ќе им се приклучи на Урбан Лесјак и Марко Кизиќ на голманската позиција во клубот.

Гедбан е висок 200 сантиметри, а тежок 110 килограми и веќе пет сезони е дел од европскиот ракомет. Две сезони мина во Вардар 1961 и стана шампион на Европа. По добрите настапи во Македонија се пресели во култниот шпански клуб Адемар Леон, а неговите добри настапи му донесоа трансфер во Динамо Букурешт. Во последните две сезони со успех го носеше дресот на романскиот гигант.

Калифа Гедбан деновиве доаѓа во Македонија и веднаш ќе и се приклучи на екипата на подготовките во Маврово. Неговото официјално претставување е предвидено на почетокот од месец август.

(фото – Рк Еурофарм Пелистер)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Добивајте ги најновите вести

Внесете го вашиот Емаил за да се претплатете се да ги добивате најновите вести