Екипата на Охрид излезе со соопштение по екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер за случувањата во плеј-офот од Супер лигата.
Од екипата на Охрид го поздравија начинот на Ракометната Федерација на Македонија за делегирањето на судиите.
„ГРК Охрид го поздравува начинот кој го определи Ракометната Федерација на Македонија, а кој се однесува на делегирањето на судиските парови кои ја добиваат одговорноста да ја делат правдата на натпреварите кои се одигруваат во плеј-оф и плеј-аут фазата од тековната натпреварувачка сезона. Посебно од причина што натпреварите од плеј-оф фазата на натпреварување се резервирани исклучиво за судиските парови со предзнак на Европската Ракометна Федерација, каде што и самите се етаблирале меѓу најквалитетните судиски парови.
Охрид смета дека е целосно непотребно да се напаѓа и девалвира постоечкиот систем на делегирање на судските парови којшто во моментот го спроведува Натпреварувачката комисија при РФМ. Исто така непотребно е да се осуетува и да се прави обид да се компромитира работата на едни од најдобрите судии во светски рамки.
Свесни сме дека победите и поразите се нераздвоен дел од ракометната игра и од спортот воопшто, па со тоа сметаме дека исклучиво само со пожртвувана работа и професионален пристап кон истата, еден спортски клуб може да бележи напредок и успех. Охрид и понатаму ќе се држи до принципот на јавно некоментирање на работата на судиите, а се со цел да не се ствара јавен притисок врз истите дека од нивната работа зависи нашиот успех“, – стои во соопштението на ГРК Охрид.
(фото – ГРК Охрид)📷