Ракометарите на Тинекс Пролет одиграа одличен натпревар против Охрид во кој ги замрсија сметките на големиот фаворит, на крајот ремизирајќи со конечни 23-23.
Тоа беше меч во кој Тинекс Пролет одигра перфектно прво полувреме и имаше предност од 12-8, гостите се вратија и направија пресврт, но домашниот тим покажа карактер и со голот на Мајнов се избори за бод.
Она што е најважно, прикажаната игра позитивно влијае врз атмосферата во тимот откако на ракометарите им стана јасно дека мора да го кренат нивото во однос на претходните дуели во кои играа под своите можности.
„Ова беше можеби и нашиот најдобар натпревар оваа сезона. Она што го трениравме цела недела успеавме да го спроведеме на терен, бевме цврсти во одбраната, дисциплинирани во нападот и тоа ни донесе резултат. Задоволни сме од освоениот бод против ривал како Охрид, особено ако се знае какви грешки правевме на изминатите натпревари оваа сезона. Овој резултат е доказ за квалитетот на Тинекс Пролет и сигурно добро ќе ни послужи за кревање на самодовербата пред наредните натпревари како во Супер-лигата така и во плејаутот“, – изјави Давор Палевски, еден од најдобрите ракометари на Тинекс Пролет оваа сезона.
(фото – Рк Тинекс Пролет)📷