Во данските медиуми имаше информација дека се работи за местење на ракометни натпревари од неколку судиски двојки, каде беа спомнати и македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Од Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) реагираа на данските медиуми дека нема местени натпревари.
“Во 2018 година, „Спортрадар“ ги истражуваше гласините за несоодветно и сомнително обложувачко однесување што се вртеа околу натпреварите од висок профил на ЕХФ.
По приемот на извештајот во декември 2018 година, Европската ракометна федерација активно и веднаш ја препрати документацијата со која располагаат релевантните органи, поточно единицата за спортски интегритет, дел од одделот за организиран криминал, при федералните криминално-разузнавачки служби на Австрија, така што сите потребни истрагите на национално и меѓународно ниво би можеле веднаш да се започнат.
Ова е бараниот и неопходен чекор во оваа работа бидејќи местењето натпревари е кривично дело кое треба да го истражува полицијата како одговорна институција.
Според сознанијата на ЕХФ, до денес овие истраги на полицијата не дадоа никаков резултат и шпекулациите останаа непотврдени по истрагата.
Сопствените анализи на ЕХФ за спорните натпревари од спортска гледна точка во тоа време не донесоа докази што би го оправдале покренувањето правна постапка.
Во принцип, потенцијалните случаи се иницирани според структурата на ЕХФ од страна на Иницијаторот на постапките, независна институција во системот на федерацијата.
Судиите не се суспендирани бидејќи ниту на страната на полицијата ниту на страната на ЕХФ не се утврдени суштински причини за ваквите чекори.
ЕХФ има пристап со нулта толеранција кога станува збор за каков било вид наместени натпревари или несоодветно влијание врз резултатот од натпреварот. Местењето натпревари не е прифатливо во ниту еден спорт, а на ниво на натпреварите на ЕХФ е суштинска повреда на основните вредности на Европската ракометна федерација, нејзините статути и прописи.
ЕХФ и неговото раководство даваат целосна транспарентност и поддршка за какви било чекори во овој последователен процес, бидејќи чистиот спорт е во интерес на ракометот и неговите протагонисти.
Во случај да има достапни дополнителни информации во врска со настаните споменати во извештајот, ЕХФ бара секоја таква информација да биде проследена за да може веднаш да се покренат сите потребни истраги, вклучително и полициските мерки”, – стои во соопштението од ЕХФ.
(фото – ЕХФ)📷