Хрватскиот стратег Жељко Бабиќ на крајот од сезоната го напушта тимот на Еурофарм Пелистер.
Жељко Бабиќ ќе го води тимот на двата натпревари против Еурофарм Пелистер 2 и Бутел Скопје кој ќе се одиграат во Битола, па потоа по завршувањето на сезоната ја напушта екипата.
Бабиќ со тимот на Еурофарм Пелистер успеа да го освои само Суперкупот, а беше на чекор да го освои и Купот на Македонија оваа сезона, но не успеа.
“Рк Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека спогодбено со тренерот Жељко Бабиќ ја искористи опцијата во договорот за прекин на соработката на крајот на сезоната. По две и пол сезони нашиот клуб ќе добие нов тренер за сезоната 2022/23.
Најискрено му се заблагодаруваме на Жељко Бабиќ за развојот на клубот во претходниот период од 2020 година до денес. Без негова помош нашиот проект немаше да се развива по предвидениот колосек. Исто така изразуваме благодарност за остварените цели во европските натпреварувања и освоениот Суперкуп на Македонија 2022.
Клубот му посакува многу успех во понатамошната работа и вратите на нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за професионалци како него”, – изјавија од Еурофарм Пелистер.

(фото – Рк Еурофарм Пелистер)📷