По успешно реализирани три изданија на ракометниот камп „40х20“, во балканскиот бисер Охрид, организаторот на кампот, агенцијата КМГ Спорт, ги стартува подготовките и го најавува четвртото издание на еден од најквалитетните ракометни настани во регионот.
Настанот на кој во центарот на вниманието е спортот број еден во Македонија, ракометот, но и запознавање нови другарчиња, едукација и многу забава, овој jули од 6 до 11 во месецот, по четврти пат ќе се одржи на брегот на прекрасното Охридско езеро.
„И покрај тоа што бевме свесни за квалитетот кој го нуди кампот, грижата за секое дете, посветеноста и ангажманот на сите инволвирани во организација, мора да бидеме искрени и да кажеме дека минатата година бевме пријатно изненадени од интересот на децата и родителите за учество на единствениот ракометен камп во државата. Стартувајќи од месец февруари, традиционално ги стартуваме подготовките за кампот кој ни следува ова лето во Охрид, и од она што го имаме како информација, во контакт со родителите, можеме да потврдиме дека оваа година интересот е уште поголем, а местата за учество очекуваме да бидат пополнети за помалку од пет дена. Тоа од друга страна создава проблеми со децата и родителите кои не успеале навреме да обезбедат место за учество на кампот, и затоа сакаме да пратиме апел до сите заинтересирани, навреме да се пријават“, – изјави Ѓоргоноски.
Планирано е, како и минатите години, како би допринеле во насока на едукација на тренерите кои работат со млади категории во Македонија, организаторот да реализира тренерски семинар во склоп на самиот настан, но и воведување на нови содржини за учесниците на кампот, каде што наши успешни ракометари и репрезентативци, ќе ја раскажат својата спортска приказна, како поттик за новите ракометари на Македонија.

(фото – Фејсбук/Ракометен Камп “40×20”)📷