Иван Чупиќ и Васил Гогов едногласни: Мора да победиме – дисциплина, помалку грешки и полна сала

Ракометарите на Вардар во вторник (18:45 часот) го пречекуваат Кристијанштад во СЦ „Јане Сандански“, во дерби на вториот круг од групната фаза на ЕХФ Европската лига.

По минималниот пораз во Шведска, „црвено-црните“ бркаат нова домашна победа за враќање на врвот на табелата – моментално Кристијанштад има 5 бода, Вардар е на 4.

За овој натпревар изјави на прес-конференција имаа тренерот Иван Чупиќ и голманот Васил Гогов.

„Нè чека реванш со Кристијанштад. Иако немавме многу време меѓу натпреварите, направивме добри тренинзи и одигравме детална анализа. Нападот 6 на 6 беше добар, но имавме многу технички грешки во транзиција и во трчањето – токму тоа го казнуваат скандинавските екипи. Една од главните задачи е поголема дисциплина во трчањето. Пред нашата публика мора да важиме за фаворит и да одиграме за победа. Ги повикувам навивачите да направат вистинска атмосфера и да ни помогнат да ја освоиме првата позиција. Сакаме да се вратиме по серијата без пораз што ја прекинавме во Шведска. Чекор по чекор – прво овој меч, па потоа следните два. По зимските подготовки очекувам Вардар да биде најдобар од февруари до јуни. Свесен сум каде сум дојден – Вардар секогаш мора да победува“, – изјави тренерот на Вардар, Иван Чупиќ.

Голманот Васил Гогов порача дека тимот е решен да ги коригира грешките од првиот натпревар.

„Во Шведска направивме многу пропусти. Овие денови работевме да ги сведеме на минимум. Ќе дадеме максимум за да се вратиме на првото место во групата“, – изјави ракометарот на Вардар, Васил Гогов.

(фото – Рк Вардар 1961)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *