Старо новиот член на нај квалитетното ракометно натпреварување во Македонија, Голден Арт, ги засили двете позиции пивот и голман во својот тим со двајца млади македонски ракометари, Марко Трајковски и Петар Виларов.
Марко Трајковски во минатите неколку години беше член на екипите на Тинекс Пролет, Бутел Скопје, Јуниор Кисле Вода и Тиквеш, а последните шест месеци ги помина во супер лигата, во тимот на Прилеп.
“Исклучително сум задоволен што во следните две години ќе бидам дел од Голден Арт, проект кој е многу амбициозен и особено внимание посветува на развој и надградба на македонски ракометари. Се надевам дека во новиот клуб ќе напредувам како играч и дека ќе дадам допринос во идните успеси на клубот во најсилната лига во Македонија” – изјави младиот Трајковски.
Скопјанецот Петар Виларов ја помина школата на Вардар, од каде замина во Бутел Скопје, а преку Работнички минатата сезона пристапи на Јуниор Кисела Вода, каде беше стандарден првотимец.
“Ја користам оваа прилика да искажам задоволство од пристапување кон клуб кој од година во година расте и се развива, и клуб кој има амбиции да биде стабилен член на супер лигата. Ќе дадам се од себе да ги оствариме зацртаните цели, првенствено опстанок на клубот помеѓу најдобрите македонски екипи. Голден Арт изминатите години вложува во создавање услови за напредок на секој поединец и организациски е високо поставен” – изјави Виларов.
Пикерот Марко Трајковски и голманот Петар Виларов со екипата на Голден Арт потпишаа договор на две години.
(фото – Рк Голден Арт)📷