По двата триумфи на почетокот на плејофот, во третото коло Вардар во петок (24 февруари) од 18,30 часот повторно дочекува градски ривал, екипата на Бутел. Сезонава во меѓусебните дуели „црвено-црните“ двапати победија, во „Јане Сандански“ со 30-21, а на гости со 26-23.
Вардар гостуваше во Охрид во претходното коло и во дерби дуел победија со 27-23, а Бутел загуби дома од Еурофарм Пелистер 2 со пресврт во последните минути, иако скопјани имаа и предност од „плус 6“.
„Ги гледавме нивните натпревари, и особено овој последниот со Еурофарм Пелистер 2 што Бутел го загуби. Играа одлично во првиот дел. Според мене големо засилување за Бутел е враќањето на Томче Стојановски особено во одбраната. Игравме со Бутел и во регуларниот дел од сезоната, знам како беше тогаш иако двапати победивме. За нас е особено важно играњето во домашното првенство, и затоа на секој меч влегуваме со мотив и желба за триумф. Имаме неколку нови ракометари во пролетниот дел, но со секој меч се повеќе тие влегуваат во системот. Веќе 3-4 натпревари сме заедно, и играме се подобро. Овој меч ќе биде генерална проба пред СЕХА – Газпром лигата со Партизан, но секако прво треба да одиграме добро со Бутел, па потоа да мислиме на следниот меч”, – вели Мартин Карапалевски, средниот бек на Вардар.
(фото – Рк Вардар 1961)📷