Пивотменот Милан Лазаревски ќе остане во Вардар најмалку до 2026 година, откако и официјално го продолжи договорот со „црвено-црните“.
Повеќекратниот македонски првак и репрезентативецот на Македонија соработуваат две години, а клубот беше задоволен од настапите и двете страни брзо се договорија за продолжување на верноста.
Лазаревски кој за две седмици ќе го прослави својот 24 роденден, сезонава е еден од предводниците во тимот, и со своите игри се наметна и во репрезентацијата на Македонија. Настапи на ЕП што сега се одржува во Германија, а каде Македонија играше во групната фаза.
„Верувам во овој проект, во клубот во кој сум сега, и драго ми е што ќе останам и понатаму дел од Вардар. Ова е место што овозможува голема индивидуална и колективна надградба на сите играчи. Благодарен сум за довербата и вниманието што го добивам од стручниот штаб и управата на клубот. Овој тим што сега го има Вардар допрва ќе го покаже своето вистинско лице. Мое е задоволството што ќе бидат дел од таа приказна”, – вели Милан Лазаревски.
Клубот продолжува со задржување на играчите на кои смета и во иднина, со што костурот на тимот и во иднина ќе биде ист. Лазаревски е еден од неколкуте сегашни играчи што го продолжија договорот со Вардар.
(фото – Рк Вардар 1961)📷