Екипата на Еурофарм Пелистер се засили со тунискиот репрезентативец Мохамед Суси кој доаѓа од екипата на Трембле.
29-годишниот лев бек потпиша договор на една година, со опција за уште една ако двете страни бидат согласни.
Долгогодишниот репрезентативец на Тунис доаѓа во Битола по долги години елитен ракомет во Франција. Минатата сезона го носеше дресот на Трембле, а претходно три сезони играше во Лигата на шампионите за Монпелје. Бени Киар и Клуб Африкан се негови клубови во тунискиот шампионат. Со Монпелје стана европски првак во 2018 година, а следната сезона со истата екипа го освои и Суперкупот на Франција.
Суси има преку сто настапи за туниската репрезентација, настапи на три Светски првенства и еден олимписки ракометен турнир. Со својата селекција го освои првенството на Африка во Габон во 2018 година, а две години подоцна беше сребрен на домашен терен. Со Тунис има и сребро на Медитеранските игри во Тарагона во 2018 година. Суси е висок 193 сантиметри и тежок 98 килограми.


(фото-Рк Еурофарм Пелистер)📷