Екипата на Еурофарм Пелистер го претстави пикерот Жарко Пешевски за новата сезона.
Жарко Пешевски со тимот на Еурофарм Пелистер потпиша договор до 2025 година. Пешевски во битолскиот тим пристигна од Штутгарт, а има настапувано и за екипите на Металург и Мотор Запорожје, настапува и за репрезентацијата на Македонија.
“Искрено, задоволен сум како минаа базичните припреми во Маврово. Се работеше на високо ниво, минимум три-четири тренинзи на ден. Потоа се вративме во Битола, каде нивото на тренинг се намали. Работиме повеќе на тактичко-техничкиот дел, а трчањето е веќе зад нас. Се спремаме за педесеттиот јубилеен турнир во Струга, каде што ќе има многу квалитетни екипи и тоа е идеална шанса да се претставиме во најдобро светло пред двата важни дуели. Екипата од минатата сезона ја напуштија десеттина ракометари, дојдоа 7-8 новајлии. Повеќе сме спринтерски ориентирани, има многу трчање, нема време за измени. Секој го дава својот максимум, па дури и јас се враќам и играм одбрана, па ако има шанса се менувам. Работиме на високо ниво, имаме одлично темпо и ќе создаваме проблеми на скеој противник. Бев спремен да дојдам во Битола, ме подготвуваа на тоа. Но, не верував на гласини и на приказни, морав сам да се уверам. Секој битолчанец, и тој што има шанса да дојде во салата, а и тој што не доаѓа, спремен е да нè бодри и желен е да го види Еурофарм Пелистер во најдобро издание”, – изјави Жарко Пешевски.


(фото-Рк Еурофарм Пелистер)📷