Ракометарите на Бутел Скопје ги започнаа подготовките за вториот дел од сезоната

Тренерот Кристијан Грчевски заедно со стручниот штаб ги собраа ракометарите кои ќе тренираат во Скопје, иако не е исклучено и заминување на висински подготовки. Пријателските натпревари ќе бидат дополнително договорени.

„Дефинитивно есенскиот дел од оваа сезона беше најуспешен досега за времето што го имам поминато во Бутел Скопје. На дофат ни е третото место што значи четири бода во плеј-оф. Почнавме малку потешко бидејќи турнирот во Струга ни ги измеша брзините и дојде до еден пад на самиот старт на првенството, но сепак машки го издржавме тој период, а паузата за ЕХФ неделата ја искористивме да ја кренеме екипата на нивото кое требаше да биде. Кондицискиот тренер Кајчевски успеа за кратко време да ги врати момците во вистинската форма. Такви момци би посакал секој тренер, тука имаме хемија меѓу тренер и играчи, која мора да се доживее и не може да се опише, имаме некоја магија што не движи само напред“.- изјави тренерот Кристијан Грчевски.

Голманот Градимир Чаневски и средниот бек Марко Митев ќе отсуствуваат од тренинзите поради тоа што патуваат на Европското првенство.

„Амбициите за пролетниот дел се потврда на метото во плеј-оф, да пробаме да ја задржиме третата позиција и да пробаме да обезбедиме излез во Европа. Ќе биде многу потешко, останатите екипи ќе се засилат и борбата допрва ќе се разгори. Ќе се обидеме да најдеме некое адекватно засилување кое ќе може да помогне во неопходната ротација. Нивата е долга, крајот е далеку, само најупорните ќе бидат среќни на крај. Вардар и Еурофарм Пелистер се уште се далеку од останатите екипи од Суперлигата, ќе биде нескромно ако кажам дека може да ги замрсиме сметките на овие екипи, сепак треба да си ја гледаме чергата, па да си ги пуштиме нозете“.- вели Кристијан Грчевски.

(фото-Рк Бутел Скопје)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Добивајте ги најновите вести

Внесете го вашиот Емаил за да се претплатете се да ги добивате најновите вести