Сашо Огњеновски: Тинекс Пролет сигурно чекори по зацртаниот пат

Тинекс Пролет оствари одличен успех со пласманот на завршниот турнир од Купот на Македонија, по победите што екипата ги забележа на дуелите со Голден Арт и со Еурофарм Пелистер 2.

Во ситуација кога тимот е значително подмладен по заминувањата на Џонов, Аларов и на Јагуриновски, сите ракометари на чело со стручниот штаб го дадоа максимумот за остварување на зацртаната цел – пласман на Ф4 што уште еднаш ја потврдува квалитетната работа во Тинекс Пролет.

„Нема сомнеж дека сме презадоволни од она што екипата го прикажа во групата од Купот на Македонија. Заминувањата на клучните играчи придонесоа да немаме амбиции за пласман во европските купови за наредната сезона, но сите сме свесни дека ова е еден процес во кој ќе создадеме нов бран на ракометари кои со години во иднина би го носеле дресот на Тинекс Пролет. Кога ја добивме групата не криевме дека желба ни е да се пласираме на фајналфор, го поставивме тоа како главна цел за вториот дел од сезоната и пресреќни сме што го остваривме. Особено импресивна беше играта во финалето со Еурорфарм Пелистер 2, наш ривал од плејофот, дуел на кој целосно ги надигравме битолчани и покажавме дека можеме да победуваме противници од овој ранг на натпреварувањето“, – вели директорот на Тинекс Пролет, Сашо Огњеновски.

За него и за останатите членови на клупската управа нема никаква дилема, инсистирањето на што повеќе домашни играчи и давањето шанса на млади македонски ракометари било и ќе остане заштитен знак на Тинекс Пролет и во иднина.

„Македонски играчи во екипата, тоа е она на што Пролет како клуб отсекогаш бил горд и тоа е патот што го одиме и сега. Благодарни сме им на Џонов, Аларов и на Јагуриновски за се што сторија за клубот, но сега напорно работиме на создавање на нова успешна генерација млади ракометари. Имавме тројца кадетски репрезентативци кои минатото лето настапија на ЕХФ шампионатот, сега тројцата добиваат позначајна минутажа во нашиот прв тим. Имаме уште тројца играчи кои се за една до две години повозрасни од нив, така што веќе во своите редови имаме речиси цела постава која е гаранција за стабилноста на клубот, но и за потенцијалот што го имаме за во иднина. Преодот од младински кон сениорски ракомет е исклучително тежок, но тренерот Лембанов верува во овие момци, кои ја имаат поддршката и од оние поискусните. Пролет функционира како семејство и тоа ни носи добри резултати“.

Паралелно со работата на првиот тим, клубот се повеќе внимание посветува и на функционирањето на младинската школа.

„Младинската школа е нешто на што сме многу горди и особен акцент во овој период беше ставен и на пионерскиот состав. Во пионерската школа има значително зголемен број на деца кои првите ракометни чекори ги прават токму во Пролет, а на нас во клубот е да ги насочиме на вистински пат и да им ја всадиме љубовта кон ракометот, кој бил, се уште е и ќе биде спорт број еден во Македонија“, – истакнува Огњеновски.

Примарната цел за вториот дел од сезоната е остварена со пласманот во полуфиналето од Купот на Македонија, но Тинекс Пролет ќе се обиде да стори нешто повеќе и во продолжението од натпреварувањето во ракометниот плејоф.

„Главна работа беше да се пласираме на Ф4 во Купот на Македонија и ние тоа го остваривме. Сега желба ни е да забележиме неколку победи на домашен терен во плејофот, уште еднаш да покажеме дека со квалитетна работа и со млади македонски ракометари може да се стигне до позитивен резултат. Ќе бидеме тврд орев за сите екипи, јас искрено верувам во тренерот и во ракометарите кои ги имаме, дека можат да се носат со голем дел од ривалите во плејофот, зошто да не во нашата сала и да ги победат“, – оптимист е директорот на Тинекс Пролет.

(фото – Рк Тинекс Пролет)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Добивајте ги најновите вести

Внесете го вашиот Емаил за да се претплатете се да ги добивате најновите вести