Тинекс Пролет секогаш настојува на ферплеј и борба за бодовите на теренот, но како клуб сме апсолутно разочарани од случувањата на последните натпревари и арбитражата на судиските двојки против Бутел, Еурофарм Пелистер и против Охрид.
Деморализирачки е клуб што со години работи напорно на создавање на квалитетна база на домашни ракометар, да се соочува со вакви судиски грабежи кои оставаат црна дамка на нашиот спорт.
„Ова веќе станува ненормално. Од натпревар во натпревар судењето е се покатастрофално за Тинекс Пролет. Она што го правеа судиите со Бутел, а успеавме да победиме, како да беше најава за сето она што ни се случуваше на последните две средби. Едно е да постои одредена погрешна проценка, две-три судиски грешки се нешто сосема нормално на секој натпревар, но 18 на еден дуел како овој со Охрид. Дефинитивно, ние сме сведоци на судиски криминал кој ја минува секоја граница и сметаме дека мораме да реагираме бидејќи ако овој тренд продолжи, ракометниот спорт ќе почне да тоне. Свесни сме за своите квалитети и веруваме дека (особено на домашен терен) можеме да се носиме со секого. Јавно прашуваме, зошто послабиот да не може да го победи посилниот, само затоа што судиите така ќе одлучат, секогаш во корист на финансиски помоќните клубови, а на штета на ракометниот спорт“, – вели Сашо Огњеновски, директорот на Тинекс Пролет.
(фото – Рк Тинекс Пролет)📷