Соопштение на Ѓорче Петров за натпреварот со Металург Автокоманда

Екипата на Ѓорче Петров излезе со соопштение за случувањата од натпреварот со Металург Автокоманда.

Натпреварот меѓу екипите на Ѓорче Петров и Металург Автокоманда заврши нерешено со резултат 25-25.

“Успесите на Ѓорче Петров-ЖРК Скопје очигледно некому му пречат, и тоа во континуитет. Двете шампионски титули зад нас ја покажуваат нашата посветеност и работа за постигнување врвни резултати, за што зборува и пласманот меѓу осумте најдобри екипи во Женскиот Европскиот куп. Нашите планови се докажување и на меѓународна сцена, и затоа не се во интерес ваквите девалвирања што ни се прават дома. Нема да дозволиме задкулисни игри, ставање сопки и пред сè намерно шиканирање, омаловажување и било какви лакрдии на нашите натпревари.

Ракометната федерација на Македонија е институција што треба да воспостави подеднакви услови за натпреварување на сите, а не да биде за едни мајка, за други маќеа. Потребни се исти правила и аршини за сите, беа компромиси и задоволување на нечии лични интереси

Досега останувавме глуви на сите неправди што му беа нанесувани на Ѓорче Петров-ЖРК Скопје во континуитет неколку години, но сега чашата е веќе прелиена, и време да се направат радикални чекори за отстранување на секое зло што постои во македонскиот ракомет. И тоа перманентно, а не само декларативно, па потоа РФМ да ги помилува казнетите и да ги врати пак да прават зулуми.

Последниот меч од домашната лига меѓу Ѓорче Петров-ЖРК и ЖРК Металург Автокоманда беше врв на сите тие досегашни обиди да се девалвира целиот наш труд, да се омаловажи работата и потта што овие девојки, стручниот штаб и управата ги прават за да се постигнат резултати. Иако делегатот не ни дозволи најавување на жалба во записникот, ние истата уредно ја испративме до РФМ, заедно со потребниот депозит. Има многу прашања на кои бараме одговор, и веруваме дека РФМ ќе најде начин да ги одговори и истовремено да не се затскрива зад своите комисии туку да расчисти со манипулаторите што постојат во ракометот.

Уште откако 24 часа пред мечот беа сменети претходно делегираните судии со нови, и тоа од Прилеп веќе насетувавме дека нешто можеби се заговара. Веднаш реагиравме до Ракометната федерација на Македонија, укажувајќи на лошото искуство и досегашните одлуки на наша штета од овој судиски пар, барајќи истите да бидат сменети со било кои други. Особено што истите судии пред извесен период беа драстично казнети од РФМ, по потоа помилувани и им се даде можност пак да судат и да прават вакви материјални повреди на правилата на ракометната игра. Но, РФМ остана глува на предупредувањата од наша страна.

Нашата жалба се однесува на директно влијаење на судиска одлука на конечниот резултат, на непочитување на правилата на ракометна игра, и однесувањето на судиите.

При постигнување на последниот гол на ЖРК Металург Автокоманда, целата акција почна од центар, но противничка ракометарка беше неколку метри веќе во нашата половина. Наместо да биде корегирана положбата на противничките играчи, и да ги вратат на средината на линија за изведување, и да дадат знак со свирката за изведување за почетно фрлање, судиите дозволија натпреварот да продолжи и од истата акција играчот кој беше во неправилна положба да постигне нерегуларен гол. Во овој случај десното крило Гугуљанова се наоѓа длабоко во нашата половина пред да дадат судиите знак со свирка, а со тоа се стекнува со предност во однос на нашите одбранбени играчи, и истата ракометарка постигнува гол за кој сметаме дека исто така е нерегуларен (по истекот на времето).

По нашата реакција дека голот е постигнат по истекот на времето, судиите одлучуваат да ја прегледаат снимката. На истата снимка наместо да ја гледаат последната акција од самиот почеток на изведување од центар како што наложуваат правилата за ВАР во последните 30 секунди, судиите ја гледаат само последната ситуација дали голот е постигнат во времето или по истекот. Со тоа ги прекршуваат правилата за почетно фрлање и правилата за прегледување ВАР ситуација во последните 30 секунди.

Бараме прегледување на снимката и поништување на голот на Металург Автокоманда и конечен резултат 25-24. Мало потсетување дека и на натпреварот Пролет – Бутел каде беше постигнат нерегуларен гол, и со одлука на Натпреварувачката комисија беше поништен.

Судиите при гледање на снимката, наместо да го користат компјутерот кој постои на записничката маса земаат мобилен телефон од противничката екипа, каде нивни службен претствник точно им кажува ситуација што е во нивна корист.И додека РФМ ја разгледува жалбата, отворено прашување:

– Зошто беа сменети судиите на 24 часа пред натпреварот Ѓорче Петров ЖРК – ЖРК Металург Автокоманда?

– Дали Натпреварувачката комисија работи во корист на некој друг клуб, и дали генералниот секретар и претседателот на РФМ се запознаени со работата на оваа комисија во која членуваат и актуелни делегати и судии?

– Зошто токму судиите Рубинчо Седлоски и Горан Ангелески мораа да го судат овој меч, иако Ракометната федерација веќе беше известена за претходните одлуки на овие судии и барањето на клубот, да бидат делегирани било кои други?

– Ако беше дерби натпревар зошто и судиите не беа избрани од најдобрите, особено што мечот беше во работен ден и немаше други закажани средби?

– Зошто мораше судии да бидат од Прилеп, а не од Скопје, на пример, каде има многу подобри судии, а со цел да не се прават дополнителни трошоци на клубот?

Најважно од се, е што на делегатот на натпреварот му беше најавено дека за оваа ситуација ќе следи жалба и дека одлуката на судиите не ја прифаќаме, истиот делегат нема наведено дека ќе следи жалба од наша страна.

Дали сака некој да го исфрли Ѓорче Петров од трката за титулата? Ѓорче Петров е решен да истрае во својата борба, и на терен, но и надвор од него. Залудни се секави емисари, понуди под маса, убедувања, ветувања. Нема веќе назад, мора да се стави крај на беззаконието и самоволието на одредени луѓе во ракометниот спорт, а тоа да се гледа немо и да се толерира од Ракометната федерација на Македонија и нејзините раководни структури и луѓе”, – стои во соопштението од ЖРК Ѓорче Петров.

(фото – ЖРК Ѓорче Петров)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.