Стигна потврда од Вардар: Давид Дејвис е новиот тренер на Вардар!

Шпанецот Давид Дејвис ќе го наследи Веселин Вујовиќ на тренерското место во Вардар 1961.

Тој ќе биде тренер до крајот на сезоната со можност за продолжување на договорот. Тој во периодот од 2014 до 2018 година беше дел од Вардар и заедно со Раул Гонзалес на клупата ја освоија првата шампионска екипа за „црвено-црните“ и уште еднаш играше на Ф4 турнирот во Келн. Работеше и како дел од женскиот тим на Вардар. Потоа беше и помошник во репрезентацијата на Русија, селектор на Египет, а последниот ангажман му беше како тренер на Веспрем.

“Задоволен сум што брзо го решивме прашањето на тренер. Имавме многу понудени опции и повеќе познати тренери, и им благодарам на сите кои изразија желба да бидат дел од Вардар. Се решивме за Давид Дејвис поради фактот што тој веќе претходно беше во Скопје како дел од Вардар, познава дел од играчите и работел со нив, нема јазична бариера бидејќи зборува и македонски, и претходно работел во систем и со систем кој донел одлични резултати. Покрај работата со првиот тим, Дејвис ќе биде задолжен и за координација со младите селекции на Вардар. Со ангажирањето на Дејвис нашите цели за сезонава остануваат исти” , – вели Михајло Михајловски, претседателот на РК Вардар 1961.

Подготовките екипата на Вардар 1961 ќе ги започне на 10 јануари 2022 година во Скопје.

(фото – Рк Вардар 1961)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.