Екипата на Еурофарм Пелистер го промовира македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски за нов ракометар на тимот.
27-годишниот Кузмановски е дете на Пелистер, сите ракометни чекори ги направи во Битола и доби афирмација во дресот на битолскиот тим. Потоа се пресели во Металург, кратко играше во Еурофарм Работник, па се одлучи за интернационална кариера.
Кузмановски избра германски предизвик и ја искуси Бундес лигата. Една сезона го носеше дресот на Магдебург, па три сезони настапуваше за Хановер, а од јануари годинава го носеше дресот на Вецлар.
Филип Кузмановски наскоро ќе му се стави на располагање на стручниот штаб и неговото деби се очекува деновиве во Супер лигата и Лигата на шампионите. Официјалното претставување на Кузмановски како нов ракометар на Еурофарм Пелистер е закажано за понеделник 20 ноември.
