Ракометарите на Тинекс Пролет утре ги очекува најголемиот предизвик во досегашниот дел од сезоната, меч со двократниот европски шампион Вардар (сабота, 12:30 часот, СЦ Јане Сандански – мала сала).
„Црвено-црните“ славеа на последните две пресметки со Еурофарм Пелистер, во меѓувреме го совладаа и Бутел, покажувајќи дека и покрај огромните промени во ростерот сезонава ќе играат на највисоко ниво и ќе се борат за трофеите на домашната сцена.
„Искрено, пријатно сум изненаден од она што го покажа Вардар на првите натпревари од сезонава. Сменија многу ракометари, но играат одлично, очигледно е дека во тимот владее позитивна енергија и хемија што помага да се дојде до посакуваните резултати. Јасно е дека ќе ја имаат улогата на фаворити, но ние дефинитивно нема да се предадеме без борба. Ќе излеземе на терен, ќе одиграме најдобро што знаеме и ќе се обидеме да изненадиме“, – изјави Давор Палевски.
(фото – Рк Тинекс Пролет)📷