Градскиот ракометен клуб Охрид пред стартот на плеј-офот во Супер лигата, се засили со хрватскиот интернационалец Никола Јукиќ.
Триесетгодишниот Јукиќ игра на позицијата десен бек. Висок е 195 сантиметри, а во кариерата настапувал во: Каштела (Хрватска), и Шартр (Франција), Минден (Германија), АЕК Атина (Грција) и Ал Мудар (Саудиска Арабија).
Покрај настапите во јуниорскиот и кадетскиот состав, Јукиќ има и три настапи за сениорската репрезентација на Хрватска.
„Мило ми е што доаѓам во Охрид, клуб кој расте и кој во Македонија има големи амбиции. Македонија е ракометна земја, а многу убави работи слушнав за ГРК Охрид и градот уште кога настапував во Бундес лигата и верувам дека мојот престој тука ќе биде успешен. Фокусиран сум на целите на клубот и верувам дека на крај сите ќе имаме причини за задоволство. Слушнав многу добри работи и за тренерот Аушовски, кој е легенда на македонскиот ракомет, така што сигурен сум дека соработката ќе биде вистинска. Запознаен сум со лигата, дека има доста квалитетни играчи и клубови, Еурофарм Пелистер кој настапува во Лигата на шампиони, Вардар кој секогаш е силен и е поранешен двократен шампион на Европа, како и Алкалоид кој го предводи легендарниот Кире Лазаров, против кого играв неколку пати во Француската лига”, – изјави Никола Јукиќ.
(фото – ГРК Охрид)📷