Стефан Стојановски во стручниот штаб на Бутел Скопје

Откако минатата сезона ја заврши играчката кариера, Стефан Стојановски, во иднина ќе се посвети само на тренерската работа.

Тој доаѓа во Бутел Скопје и ќе му биде асистент на Горан Кузманоски во првата екипа, но ќе работи и со младинците.

“За да се одлучам да влезам во проектот на Бутел Скопје пресудна беше нивната работа со млади македонски ракометари. Екипата се состои од млади ракометари потпомогнати од неколку поискусни со подолг суперлигашки стаж. Ќе работам со Горан Кузманоски, тренер кој го познавам од претходно и сум соработувал со него во времето кога бев играч. Тој преферира брза и динамична игра, па очекувањата ми се во сезоната што претстои дека ќе се бориме за место во европските купови, иако ќе биде тешко и напорно. Покрај работата во првата екипа, ќе ги водам и младинците, а посакувам да напредуваме од месец во месец да градиме резултати, кој се надевам дека ќе биде подобар од лани, но главната цел ќе ни биде подготовка на играчи за првата екипа”, – изјави Стојановски.

Стојановски во играчките години најдолг стаж имаше во Тинекс Пролет, а беше дел и од Јуниор Кисела Вода и Скопје 2020, каде во последната сезона освен како играч, работеше и како тренер во пионерската екипа.

(фото – Рк Бутел Скопје)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.