Од 28 до 30 август, СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на Ракометен регионален турнир, натпреварувачки турнир кој ќе ги обедини ракометните екипи од Македонија, Црна Гора и Србија.
Овој уникатен спортски настан има за цел да го поттикне натпреварувачкиот дух, пријателството и регионалната соработка во спортот.
Ракометен регионален турнир се одржува со поддршка на Министерството за спорт, а е во организација на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
„Горди сме што Македонија е домаќин на првото издание на Ракометен регионален турнир. Нашата цел е преку спортот да изградиме мостови меѓу земјите од регионот, да создадеме нови можности за младите ракометари и да им понудиме на љубителите на спортот врвни натпревари. Веруваме дека оваа лига ќе прерасне во традиција и ќе биде двигател за понатамошен развој на ракометот во регионот,“ – изјавија од РФМ.
На овој турнир во машка конкуренција ќе настапат Еурофарм Пелистер, Вардар, Војводина од Нови Сад и Ловќен од Цетиње. Во женска конкуренција силите ќе ги одмерат Ѓорче Петров, Металург Автокоманда, Бор од Бор, Будуќност од Подгорица.
(фото – РФМ)📷