Милан Бомаштар е нов голман на Вардар

Вардар постигна договор со српскиот репрезентативен голман Милан Бомаштар (26), кој од следната сезона ќе го засили црвено-црниот состав. Договорот е со важност од почетокот на сезоната 2026/27 и ќе трае две години.

Бомаштар е голман со меѓународно искуство и настапи на високо ниво, а во Вардар доаѓа како дел од планот за дополнително зајакнување на голманската линија и зголемување на конкуренцијата во тимот за домашните и европските предизвици.

Во моментов е член на француски Шартр, а зад себе има интернационално искуство и во Шведска каде беше дел од Шевде, и од Шпанија каде бранеше за Адемар Леон.

Новиот чувар на мрежата веќе ја истакна својата мотивација и амбиција по договорот со Вардар, потенцирајќи дека соработката со тренерот на голмани Марио Келентриќ ќе биде важен дел од неговиот развој и дека со нетрпение ја очекува атмосферата во „Јане Сандански“.

„Вардар е еден од најдобрите клубови на Балканот и многу сум среќен што ќе бидам дел од таков клуб. Мислам дека ова е чекор повеќе во мојата кариера и дека многу ќе ми значи соработката со Марио Келентриќ, кој е еден од најдобрите тренери на голмани. Со нетрпение ја очекувам можноста да го бранам голот пред фантастичните навивачи на Вардар во салата „Јане Сандански“, познати како едни од најдобрите во Европа. Македонската лига во последните неколку години израсна во една од најјаките лиги на Балканот. Верувам дека со Вардар ќе ги освоиме сите домашни трофеи и дека во Европа ќе се покажеме во најдобро можно светло”, – изјави Бомаштар.

(фото – Рк Вардар 1961)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *