Вардар доби нов спонзор (ФОТО)

Вардар и Касино Аустрија Интернешанал Македонија на заедничка прес-конференција официјално го промовираа своето партнерство, со кое компанијата станува еден од главните поддржувачи на клубот.

Соработката има за цел создавање уште посилен тим и реализација на амбициозните цели на „црвено-црните“, кои моментално се лидери во домашната Супер лига и се на добар пат кон враќање на шампионската титула. Воедно, Вардар го очекува и четвртфиналниот предизвик во Европската лига на ЕХФ.

„Денеска ми е убав ден. Пред половина час потпишавме еден договор за соработка. Ова не е договор од денеска за утре, туку соработка за која се надевам дека ќе трае и во иднина. Тие секогаш спонзорираат, почнувајќи од автомобилизам, па до кошаркарски и ракометни клубови. Но, видоа што е за нив предизвик да спонзорираат. Најголем предизвик е да се биде спонзор на Вардар. За тоа сум им многу благодарен. Ова ќе биде голем ветер во грб, за да се обидеме да се вратиме на патеките каде што припаѓаме. Немаме илузии дека веднаш можеме да ги повториме 2017 и 2019 година, но одиме чекор по чекор, да го постигнеме максимумот што можеме и да бидеме меѓу десетте најдобри во Европа“,- изјави Михајло Михајловски, актуелен претседател на РК Вардар.

Своја изјава имаше и директорот Аднан Шариќ од компанијата Касино Аустрија Интернешанал Македонија.

„Горди сме што како компанија стануваме дел од семејството на РК Вардар. Тоа е клуб со традиција, страст и шампионски дух. Не треба многу да зборуваме, Вардар е Македонија, нешто што се знае и надвор од границите на државата.Тука сме да дадеме малку ветер во грб на раководството, клубот да се врати на старите патишта, кон самиот врв во ракометот. Се надеваме дека ќе помогнеме, и тоа во континуитет, со години, и заедно со другите спонзори кои се вклучија, Вардар да се врати таму каде што припаѓа. Сакаме да ги полниме салите, да бидеме со Вардар и заедно да ги славиме успесите на клубот. Ги повикуваме и сите други кои се во можност да помогнат, да го направат тоа. Важно е да се биде дел од Вардар. На играчите останува да се борат и да прават резултати“, – изјави Аднан Шариќ, директор на Касино Аустрија Интернешанал Македонија.

(фото – Рк Вардар 1961)📷



Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *