По децении запуштеност, спортската сала „Македонија“ во Прилеп конечно ќе добие целосна реконструкција.
Проектот, предвиден во рамките на програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година, има за цел да обезбеди современи услови за спорт, тренинг и рекреација за младите, спортистите и сите љубители на спортот.
Според проектната документација, просторот за игра е димензиониран според ракометно игралиште со должина од 40 метри и ширина од 20,33 метри, додека висината до највисоката точка изнесува 13,90 метри. Предвиден е заштитен појас од два метра зад головите и по 1,20 метри долж страничните линии на салата.
По реконструкцијата, спортскиот објект ќе располага со 1.959 седишта за публика, распоредени во 15 реда од двете страни на теренот. Покрај посебните влезови за публика, професионални спортисти и корисници на рекреативните содржини, предвидени се и соодветни пристапи за лицата со попреченост.
Проектот не опфаќа само архитектонска реконструкција, туку и зафати во електричните инсталации, водоводот и канализацијата, како и во термотехничките системи. За објектот веќе е изработена техничка документација за основен проект за реконструкција и санација, со намена Б6 – спорт и рекреација.

(фото – Министерство за спорт)📷








