Екипата на Вардар 1961 утре ќе го пречека хрватскиот Нексе во четвртфиналниот натпревар од годинашното издание во СЕХА лигата.
Тренерот Владо Недановски за натпреварот помеѓу Вардар 1961 и Нексе Нашице даде своја изјава.
“Настапот на турнирот во Струга го искористивме како дел од подготовките за периодот што следи, прво мечот со Нексе. Имавме добри и лоши моменти, сите добија шанса, видовме кои играчи можат да понесат поголем товар. Тие се добар тим, кој пред неполни два месеци играше „фајналфор“ во Европската лига. Ростерот е речиси ист, се работи за воигран состав, кој не се менува и игра добар ракомет. Речиси секоја година играме со нив по два натпревари, оваа сезона двапати губевме од нив. Анализата е направена, немавме премногу видео материјал бидејќи играа натпревари од затворен тип. Се надеваме на добар резултат на утрешниот дуел. Има моменти кога играме добро, ама ротацијата е најголем проблем и тоа најмногу ме загрижува. Да бидеме искрени, имаме играчи кои не добивале воопто минутажа во минатите сезони, мора да имаме трпение сите за овој тим да расте, да се даде шанса на тие момци за кои сметам дека имаат потенцијал да прикажат многу повеќе”, – вели Недановски.
(фото-Рк Вардар 1961)📷