Со работен состанок на клупската управа, стручниот штаб и медицинскиот тим, како и ростерот на професионални ракометари, денес започна сезоната 2025/26 на новиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2.
Најмладиот македонски клуб од елитната категорија по една година се врати во Супер лигата и седум недели по завршувањето на старата, ги започнува активностите во новата сезона.
На првата средба во спортската сала „Боро Чурлевски“ учествуваа сите ракометари, со исклучок на Иван Младенов, кој е дел од кадетската репрезентација која учествува на Европскииот младински фестивал во Скопје. Тој ќе се приклучи кон групата од понеделник на подготовките во Пехчево.
Попладнево тренерот Александар Зарков ги претстави новајлиите и го образложи планот на подготовки.
Првата фаза од подготовките ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе ги минат во Битола и во понеделник (28 јули) се селат на централните подготовки во Пехчево. На крајот од август почнува завршната фаза на одигрување на тест натпревари за воигрување и настап на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп од 21 до 24 август. Еурофарм Пелистер 2 е дел од групата со Тинекс Пролет и Црвена Звезда (Србија).
(фото – Рк Еурофарм Пелистер 2)📷












