По повод новонастанатата ситуација, со суспензијата на Металург и во домашното првенство и во Европските натпреварувања, денеска во Автокоманда се одржа прес-конференција.
„Се обративме до ЕХФ, а ќе побарам и состанок со РФМ. Моето барање ќе биде да се најде заедничко решение на 15 дена до доделување на новиот ваучер. Трите кола потребни за исклучување од Суперлигата ќе побараме да се водат како одложени и да се одиграат на крајот на овој месец. Но, ќе го споменам и црното сценарио. Доколку не успееме и Металург биде исфрлен од Суперлигата, тоа не значи дека клубот ќе згасне. Тој ќе продолжи да функционира преку Металург РА. Ќе почнеме од Првата лига и тоа не е страшно. Многу клубови почнале од Прва лига, па сега имаат одлични тимови. Ако тоа е црното сценарио – Металург нема да згасне. Сите тие што тријат раце сметајќи дека ќе ни ги земат играчите, дека ќе ни ја земат салата ќе морам да ги разочарам, Металург ќе продолжи. Најголеми губитници ќе бидат оние кои играле, имаат побарување и чекаат да бидат исплатени. Тие ќе бидат најголемите губитници, доколку Металург испадне од Суперлигата“, изјави на прес-конференцијата Зорица Блажевска.

(фото-Рк Металург)📷