Екипата на Вардар во среда, 16 септември, од 18:45 часот го пречекува Нант во СЦ „Јане Сандански“, во второто коло од Лигата на шампионите.
По доброто издание и тесниот пораз на гостувањето кај Мелсунген, црвено-црните пред својата публика ќе ја бараат првата европска победа сезонава.
Пред натпреварот, на официјалната прес-конференција своите очекувања ги споделија тренерот Иван Чупиќ и Јака Малус.
„Сакаме да ги освоиме првите бодови во Лигата на шампионите. На домашен терен немаме пораз повеќе од една година и сакаме да продолжиме во ист ритам и оваа сезона. Во натпреварот влегуваме оптимистички. Добро сме подготвени тактички, психички и физички. Ќе го дадеме максимумот и со поддршка од трибините ќе одиме по првите бодови во Лигата на шампионите. Со големи очекувања и голема желба го чекаме натпреварот“, – изјави Малус.
Тренерот Иван Чупиќ со почит зборуваше за квалитетот на францускиот состав, но нагласи дека Вардар има јасна цел пред својата публика.
„За Нант можам да кажам само убави зборови – и за тренерот и за целиот состав. Секако, имаме свои желби и надежи да дојдеме до двата бода и до првата победа во оваа сезона од Лигата на шампионите. Сакаме да ја почувствуваме вистинската поврзаност со нашата сала и веруваме дека тоа може да ни помогне да стигнеме до победата. Првите бодови би ни значеле многу и би биле голем ветер во грб за натпреварите што нè очекуваат до крајот на првата фаза“, – истакна Чупиќ.
(фото – Рк Вардар 1961)📷








