Интервју со претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Александар Стефанов

Продолжуваме со серијата на интервјуа, овој пат направивме интервју со претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Александар Стефанов.

1. Добивте четиригодишен мандат како нов претседател на Ракометната Федерација на Македонија. Како гледате на оваа функција?

  • Да се биде претседател на Ракометната Федерација на Македонија е огромна чест, но истовремено и голема одговорност. Свесен сум за значењето што ракометот го има во нашата држава – спорт кој ни има донесено многу радости, медали и моменти на национален гордост. Функцијата ја прифатив со јасна визија и искрена намера да го поставиме ракометот таму каде што му е местото – на врвот, и во домашни рамки и на меѓународна сцена. Верувам во институции, транспарентно управување и тимска работа, и затоа ќе работиме заедно со клубовите, тренерите, играчите, судиите и сите засегнати страни за да го изградиме еден стабилен и одржлив систем.

2. Кои се идните планови на Ракометната Федерација на Македонија за во иднина?

  • Во следните четири години, федерацијата ќе се фокусира на неколку приоритетни области. Најпрво, мораме да изградиме силна основа преку работа со млади категории – тоа значи поголеми вложувања во детско-младински ракомет, обуки за тренери, поддршка на училишни лиги и создавање на развојни центри. Второ, ќе работиме на унапредување на лигашкиот систем – подобра организација, воведување на нови технологии, дигитална статистика, подобра медиумска покриеност и поддршка за клубовите. Трето, ќе ја зајакнеме комуникацијата и соработката со институциите, спонзорите и меѓународните тела, бидејќи без стабилна поддршка, не може да се реализира ниту една голема визија. Сакам федерацијата да биде отворена, модерна и ефикасна организација која им служи на сите што живеат и го сакаат ракометот.

3. Дали очекувате женскиот ракомет да се издигне на повисоко ниво и дали треба да се вложува повеќе?

  • Женскиот ракомет е еден од сегментите каде што гледам голем неискористен потенцијал. Ние како федерација имаме обврска да создадеме еднакви услови за развој и на машкиот и на женскиот ракомет. Тоа значи инвестиции во младинските женски тимови, унапредување на женската лига, промоција на женски ракомет во медиумите и создавање на програми за поддршка на женските клубови. Потребно е да се мотивираат и охрабрат младите девојчиња да се занимаваат со ракомет – тоа е важно и од спортски и од општествен аспект. Со јасна стратегија и поддршка, верувам дека во следните години женската репрезентација може повторно да се врати на европската мапа, но и да стане вистински пример за квалитетна спортска приказна во регионот.

4. Според вас, дали Супер лигата во Македонија во машка конкуренција е најдобрата лига на Балканот?

  • Имаме историја, традиција, страст и клубови кои постигнале сериозни успеси на европско ниво – сето тоа говори дека сме на врвот. Реално, можам да кажам дека имаме најдобра лига на Балканот, но и во иднина како федерација ќе продолжиме да работиме на дополнителен развој, на уште поголема конкурентност, на подобра финансиска стабилност на клубовите, на уште поголемо професионално уредени натпревари, на привлечна маркетинг стратегија и секако уште поголема посета и интерес кај публиката. Со заеднички напор на федерацијата и клубовите, верувам дека Супер лигата може да остане пример за тоа како се организира едно силно домашно натпреварување, и тоа не само на Балканот, туку и пошироко.

5. За крај на интервјуто, што ќе изјавите како порака за младите ракометари и ракометарки?

  • На сите млади ракометари и ракометарки би им порачал едно – верувајте во себе, не се плашете од работа и секогаш сонувајте големи соништа. Спортот, а особено ракометот, бара посветеност, дисциплина и љубов. Патот не е секогаш лесен, но секој труд се исплати. Македонија има таленти и ракометна традиција и сега е време да изградиме систем кој ќе ви помогне да се развиете и да успеете. Ние како Федерација ќе направиме сè што е во наша моќ да создадеме услови за напредок, но вистинската енергија доаѓа од Вас, најмладите. Вашата амбиција и работа денес се иднината на македонскиот ракомет утре.

(фото – РФМ)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *