Интервју со тренерот на ХОЈ Елите, Љубица Ѓоргиевска Хансен

Продолжуваме со серијата на интервјуа, овој пат направивме интервју со тренерот на женскиот тим на ХОЈ Елите, Љубица Ѓоргиевска Хансен.

1. Веќе неколку години сте во Данска, како е ракометот во споредба со Македонија?

  • Да, веќе поголем дел од мојот живот го поминав овде – најпрво како активна ракометарка во најсилната лига, а сега како тренер на млади категории. Кратко време бев и шеф-тренер на Фарските Острови, но кога си родител на тинејџер, најдоброто место е покрај своето дете. Разликите меѓу ракометот во Македонија и Данска не можат да се опишат во неколку реченици, но ако морам – овде децата не се натпреваруваат со идеја да станат светски играчи, а сепак од квантитетот и системскиот пристап се појавуваат и квалитетни имиња. Тука ракометот го има во сите форми – на песок, на трева, со меки топки, фитнес-ракомет – и тоа носи резултати.

2. Тренер сте во ХОЈ Елите во женската екипа – какви се условите и амбициите во клубот?

  • До оваа сезона бев тренер на млада екипа во HØJ и постигнавме добар напредок. Но бидејќи и ќерка ми игра таму, време беше некој друг да го преземе кормилото. Од следната сезона сум дел од организацијата на женската екипа која ќе игра во најсилната данска лига. Амбицијата ни е да останеме во лигата што е можно подолго и да изградиме стабилен тим.

3. Дали ти недостасува Македонија и како е да се живее и работи надвор од својата земја?

  • На почетокот, додека бев активна и често патував, не ја чувствував носталгијата многу. Но по завршување на кариерата, сè повеќе ми недостасува нашето сонце, нашите луѓе, сè што е убаво во Македонија. За работата – тешко ми е да споредам, бидејќи од Македонија заминав во екот на мојата спортска кариера. Но тука, луѓето имаат развиена морална одговорност кон својата работа – дури и без контрола, задачите се завршуваат, и често се оди над тоа што е барано.

4. Ако би имала шанса, би се вратила во Македонија да водиш некоја екипа?

  • Јас сум секогаш тука за македонскиот ракомет. Не бркам големи тренерски функции, но сакам да го споделам моето искуство и да помогнам во развојот. Соработка и поддршка – тоа ми е приоритетот.

5. Што би изјавила за крај на интервјуто?

  • На крај би рекла: „Немаме време за чекање.“ Сите сили треба да се насочат кон младите категории – финансиски, тренерски, организациски. Ако сакаме силна репрезентација и квалитетна лига, мораме сите заедно да работиме со јасна цел. Патот е тежок и долг, но секој вложен труд носи резултат.

(фото – ЖРК ХОЈ Елите)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *