Во просториите на Ракометната федерација на Македонија се одржа официјална прес-конференција по повод Светското училишно првенство во ракомет – Скопје 2026, кое од 20 до 29 април ќе се одржи во нашиот главен град.
На прес-конференцијата присуствуваа министерот за спорт, Борко Ристовски, претседателката на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, легендарната македонска ракометарка и шеф на делегацијата на македонската репрезентација, Индира Кастратовиќ, како и Илија Ристески, одговорен за организацискиот дел.
Говорниците истакнаа дека станува збор за еден од најзначајните младински спортски настани кој некогаш се организирал во Македонија, при што Скопје ќе биде домаќин на млади спортисти од целиот свет. Овој настан претставува голема можност за промоција на државата како сериозен организатор на меѓународни спортски манифестации, но и како дестинација која ги негува спортот и младите.
Свеченото отворање ќе се одржи на 21 април на Плоштад Македонија, каде граѓаните ќе имаат можност да присуствуваат на спектакуларно дефиле на сите репрезентации кои ќе пристигнат преку Камениот мост, како и на богата културно-уметничка програма и атмосфера која ќе го претвори Скопје во вистински спортски центар.
Натпреварите ќе се одржуваат во повеќе спортски сали низ градот, додека финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април.

(фото – РФМ)📷








