Продолжуваме со серијата на интервјуа, овој пат направивме интервју со судиската двојка Марија Илиева и Силвана Карбеска.
1. Колку години судите заедно со Марија?
- Со Марија судиме од 2006 та година кога положивме за меѓународни судии во ракомет на песок. Во 2008 година положивме за меѓународни судии за ракомет во сала односно се здобивме со ЕХФ значка на меѓународен турнир “4-нации” во Италија. Континуирано повеќе од 10 години судиме во најелитното натпреварување лигата на шампиони, машки натпревари во евро куповите, финале ЕХФ-Куп и финале Лига на Европа.
2. Освен домашните првенства, судите и во Европа како е чувството?
- Судиме на натпревари од највисок ранг како дома така и надвор. Чувството да судиш Лига на шампиони е посебно но, секој натпревар е убав, тежок или неизвесен на свој начин. Не постои лесен натпревар, концентрацијата мора да биде на високо ниво од самиот почеток до самиот крај на натпреварот. Македонија во машка конкуренција ја има веќе втора година нај квалитетната лига на балканот, што значи голем предизвик а и одговорност е да се судат натпревари во машката Супер лига. Со квалитетот на ракометот (машкиот) не сме многу далеку од Европа, но со условите во кои се натпреваруваме и судиме сме светлосни години назад. Во светот се зборува стратегиски како да се дојде до што подобар резултат во дадениот спорт а кај нас се зборува за: дали има соблекувална во салата за судии-во 80% случаи-нема (за топла вода да не се помислува), дали има бар некакво затоплување или ладење во лето, дали се лизга-бидејќи е училишна сала па пред тоа имало настава, да не заврне не дај боже зашто дел од салите прокиснуваат и слично. Чест на исклучоци, но нормални услови за работа има само во 4-5 сали во Македонија.
3. Дали според тебе во иднина треба судиите да имаат ракометна пензија?
- Судиите СЕ СПОРТИСТИ, треба да имаат ракометна пензија. Судиите се дел од системот на спортот во кој се достигнуваат врвни достигнувања, а за тоа се потребни многу одрекувања, професионализам, физички напор, психичка подготвеност, стрес итн. Ако за спортистите “врвните” се доделува спортска пензија, тогаш не гледам причини поради кои, судиите кои ги судат тие врвни натпревари не треба да бидат дел од тоа. Ако постојат критериуми за спортска пензија на спортистите, тогаш може да се направат критериуми и за судиите или да се изнајде модел за доделување на спортска пензија на судија.
4. Дали според тебе добро се вложува во ракометот во Македонија?
- Ракометот е спорт број еден во нашата држава. Секако дека треба да се вложува. Треба да се вложува во клубовите, во тренерскиот кадар, во младите категории кои претставуваат база на еден клуб (младински, кадетски и пионерски категории), мини ракомет, училишни клубови, училишни лиги, турнири на локално ниво, ракометни школи…. и пред се според мене најважното, да се вложува во инфраструктурата, изградба на спортски сали, подобрување на условите во веќе постоечките, изградба на спортски терени и игралишта, се со цел подобри услови за работа, тренинг, напредок…значи, државата да обезбеди подобра инфраструктура а компаниите од приватниот сектор активно да се вклучуваат во спортските клубови преку спонзорства, партнерства и инвестиции.
5. За крај на интервјуто што ќе изјавиш?
- Да го негуваме спортот, да го негуваме ракометот кој не прави истрајни, среќни, кој не обединува, кој ни буди емоции, кој е динамичен и атрактивен и пред се, кој не прави горди.

(фото – Фејсбук/Силвана Карбеска)📷








