Златко Даскалоски: Горд сум на се што остварив како играч, камбекот во Пролет има посебна симболика

Златко Даскалоски е име што дваесетина години со голем успех настапуваше за бројни клубови во ракометна Македонија. Тој пред крајот на играчката кариера се врати назад во Тинекс Пролет, за по збогувањето од активното бранење да стане дел од стручниот штаб на клубот.

Екс голманот Златко Даскалоски гледа на повлекувањето како член на Тинекс Пролет како на посебна симболика.

„Последната сезона ја поминав во Тинекс Пролет. Дали ќе беше оваа или следната година, секако ќе дојдеше моментот кога ќе требаше да се заокружи играчката кариера. Иако мој матичен клуб е РК Струга, почетокот на мојата професионална кариера започна токму во Тинекс Пролет и некако судбината сакаше тука да се затвори тој круг. Тоа за мене има посебна симболика. Тренерската кариера, конкретно како тренер на голмани, ја започнав постепено уште додека настапував за Голден Арт, работејќи со голманите од сите категории, паралелно со играчката улога. Таа двојна улога продолжи и во Тинекс Пролет, а од оваа полусезона целосно се посветувам на тренерската работа – како помошник тренер и тренер на голманите во сите категории. Сметам дека тоа е природен чекор и логично продолжение на мојата кариера. Исто така, четири години по ред сум на кампот 40/24 каде држам приватни тренинзи“, – изјави Златко Даскалоски.

Поранешниот македонски репрезентативец е импресиониран од потенцијалот што го поседуваат младите играчи на скопскиот суперлигаш.

„Има навистина голем потенцијал кај младите што доаѓаат од кадетските категории на Тинекс Пролет. Се гледа континуиран напредок во нивната работа, дисциплина и разбирање на играта. Фактот што добиваат шанса да бидат дел од првиот тим треба да им биде дополнителен мотив за уште поголема посветеност, работа и докажување. Со правилно водење и трпение, овие момци можат да израснат во носители на играта и иднината на клубот. Иднината на Тинекс Пролет ја гледам позитивно, особено со младите играчи кои постепено добиваат шанса и одговорност. Ако продолжи континуитетот во работа, дисциплина и правилен развој, клубот може да создаде стабилна и препознатлива генерација која ќе биде конкурентна на највисоко ниво“, – порачува Даскалоски.

(фото – Рк Тинекс Пролет)📷

Давид Маркоски
Давид Маркоски

Давид Марковски-Поранешен ракометар на Рк Макалоски Прилеп и Рк Прилеп.

Администратор на страницата МК-Ракомет.

Вљубен во спортот, а посебно во ракометот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *