По три сезони пауза, Вардар повторно се враќа во Лигата на шампионите. Во групната фаза „црвено-црните“ ќе играат против Нант, Мелсунген и Висла Плоцк, а враќањето во елитата носи нов предизвик, но и нова можност клубот повторно да се покаже на највисоката европска сцена.
Тренерот Иван Чупиќ зборува за првите впечатоци по ждрепката, за силата на ривалите, за тоа каде ја гледа шансата на Вардар и каква порака им испраќа на навивачите пред новата европска сезона.
Чупиќ не крие дека во клубот владее големо задоволство поради враќањето во најсилното клупско натпреварување.
„Прв впечаток? Многу сме среќни и задоволни што после четири години ќе играме Лига Шампиони, така што со нетрпение го очекуваме септември и да го започнеме нашиот пат во најелитното клупско натпреварување,“ вели Чупиќ.
Групата што ја доби Вардар е силна и носи различни стилови на игра, но тренерот на „црвено-црните“ смета дека првата цел мора да биде јасна – тимот да биде конкурентен на секој меч и да се бори за место понатаму.
„Секој противник е различен и за секој противник треба посебно да се подготвиме. Но за Вардар најважно е да бидеме конкурентни. Имаме шест натпревари во групната фаза. Сакам да видам јак, борбен, тимски Вардар со заедничка цел да ја поминеме групната фаза. Ќе имаме прилика да видиме до каде сме и на што може да се надеваме во оваа група,“ – изјави Иван Чупиќ.
На крајот, Чупиќ испрати порака и до навивачите, со благодарност за досегашната поддршка и со ветување дека тимот ќе оди до крајните граници.
„Пораката за навивачите е секогаш иста како и во минатата сезона во лигата, купот и Лигата на Европа. Ние ќе дадеме максимум, до крајни граници за да го одбраниме овој дрес кој тежи многу и секогаш носи притисок. Но ние немаме страв и ќе ги оправдаме очекувањата на нашите навивачи, за кои верувам дека ќе нѐ поддржат на секој натпревар. Уште еднаш би сакал да им се заблагодарам за минатата сезона и верувам дека и оваа сезона ќе ги радуваме со победи и ќе заминуваат среќни од сала. Главната наша задача е да го дадеме срцето за Вардар, од првиот до последниот член на клубот,“
(фото – Рк Вардар 1961)📷








